Мрежата против хомофија и трансфобија со поддршка на ЛГБТИ заедницата на Унгарија против членот 33

Под мотото отфрлете го членот 33 (#DropArticle33), Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија дава својата поддршка и солидарност со транс заедницата и целата ЛГБТИ заедница во Унгарија и ја повикува унгарската влада да ги почитува транс луѓето и нивните права.

Ова доаѓа откако унгарската влада изминатата недела објави генерален документ (omnibus bill) кој истовремено опфаќа изменување и дополнување на многу закони, одредби и мерки.

Еден од законите предложени за изменување се однесува на правното признавање на родот кое директно ги таргетира транс-луѓето – предлагајќи да се замени „пол“ со „пол назначен при раѓање“ во националниот регистар и лични документи, како што е наведено во член 33 од овој нов документ.

„Амандманот доаѓа во време кога унгарскиот парламент му даде на премиерот Виктор Орбан овластување да владее со декрет на неодредено време заради кризата со Ковид-19, што значи дека тој повеќе не треба да се консултира со другите законодавци пред да донесе одлуки за било која мерка или воведување на одредена политика“, велат од Мрежата.

Од таму повикуваат да се рашири оваа порака за отфрлање на членот 33.

„Да престане бескрупулозно искористување на Ковид-19 кризата за прекршување на човековите права на една од најкревките и најзагрозени маргинализирани групи и целосното недемократско владеење на Унгарската влада“, соопштува Мрежата.