Мрежа за заштита од дискриминација: Скопски ресторан одбил да прими жена со хиџаб

Мрежата за заштита од дискриминација ја осудува дискриминаторската пракса на ресторанот Портофино (Portofino Osteria and Bar) со ограничување на пристапот до ресторанот на жени кои носат традиционална муслиманска облека. Кон средината на септември, 2018 година до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратила странка која пријавила дискриминација врз основа на религија и верско уверување во пристап до ресторанот Портофино.

„Странката заедно со две пријателки се обидела да влезе во ресторанот, каде пристапот им бил ограничен со објаснување дека без резервација не може да бидат услужени. Во моментот кога се обиделе да влезат во ресторанот странката носела хиџаб, додека нејзините пријателки не. Лицата го напуштиле ресторанот, каде десетина минути подоцна, една од пријателките на странката се вратила во ресторанот и без никаков проблем добила маса без претходна резервација. Таа пробала да дознае зошто не ѝ бил дозволен пристап во ресторанот на нејзината пријателка која носела хиџаб и дали ресторанот им забранува пристап на жени и девојки кои носат хиџаб, на што не добила одговор и си заминала“, се наведува во соопштението на Хелсиншки.

Хелсиншкиот комитет поднел претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а постапката сѐ уште е во тек.  Мрежата за заштита од дискриминација ја повикува Комисијата за заштита од дискриминација во рамките на своите овластувања да го истражи случајот, да утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување и да му препорача на ресторанот да престане со дискриминаторската пракса.