„Моторизиран протест“ во вторник низ улиците во Струмица за одземање на концесијата за Иловица-Штука

Здружението „Здрава Котлина“ соопшти дека во вторник (10-ти декември) од 11:30 часот ќе одржат „моторизиран протест“ низ улиците на Струмица во траење од два часа. На протестот колона на возила ќе се движи со бавна брзина, вклучени трепкачи и звучни сирени низ сите делови на градот, како израз на граѓанско незадоволство со општото загадување и бавното функционирање на системот.

„Овој симболичен протест има за цел да ја потсети Владата да ја исполни законската одредба и да ја одземе концесијата на рудникот Иловица-Штука. Овој протест Владата треба да го разбере како охрабрување да ја донесат конечната одлука на седница на влада (без чекање на управен суд) и официјално да ја презентираат пред јавноста (ако наводно веќе е донесена). Оставаме рок најдоцна до 17-ти декември 2019 (вторник) конечно да се реши ова прашање“, велат организаторите на протестот.

Од „Здрава котлина“ додаваат дека доколку концесијата не се одземе на владина седница, тие ќе повикаат на граѓанска непослушност, масовни акции и протести со блокади на клучни патни правци и бојкот на секакви избори.

„Нема повеќе да бидеме пасивни во однос на политичарите кои предизборно ветуваат се и сешто, но само на хартија. Ќе им помогнеме на граѓаните да увидат и разберат какви политичари им се нудат за избор и што тие (не)направиле и (не)придонеле за сегашната катастрофална ситуација со екологијата во државата. Секоја изјава, ветување, програма, акција или пак нивно занемарување и отсуство, ќе бидат предмет на јавна критичка анализа со конкретни факти па на крај нека ценат граѓаните! Уште сега порачуваме дека максимално ќе отежниме гласање за политичари и партии кои скоро три децении нудат предизборни решенија и програми само на хартија, а чиј краен ефект се сегашниве катастрофални состојби“, додаваат од здружението.