Моторизиран протест денес против одлуката за „Иловица-Штука“: Управен суд ја искриви, виш суд да ја исправи

На излезот од Струмица кај „Шумското“ денес од 13 часот е стартната позиција на „Моторизираниот протест“ кој се одржува под мотото „Управен суд ја искриви, виш суд да ја исправи“.

Од „Здрава котлина“ упатуваат голема благодарност до нивните соборци од Гевгелија за јавно искажаната поддршка во борбата против потенцијалниот рудник „Иловица-Штука“, со симболично возење велосипеди низ преубавата природа, која, велат тие, нема да дозволат да им ја уништат.

„Бараат то да бидат светол пример за сите нив, воедно и инспирација и мотивација за сите кои повеќе сакате возење велосипед или мотор, да им се придружите утре низ улиците на Струмица“, соопштуваат активистите.

Објаснуваат дека сакаат да ја споделат нивната загриженост од молкот на Министерството за економија и Јавното правобранителство во поглед на очекуваната жалба до Вишиот управен суд чии рокови течат со укинувањето на вонредната состојба.

„Имено, ние пред две недели испративме официјални дописи за заеднички состанок и достава на дополнителни правни аргументи, сепак досега немаме никаков одговор. Со оглед на почетокот на изборната кампања и дневно политичките препукувања ние сме загрижени дека ова вонредно важно прашање ќе биде оставено на маргините или нема да биде соодветно третирано“, велат од „Здрава котлина“.

Исто така, дополнуваат тие, најавите за отварање на нови рудници како дел од предизборни ветувања се алармантни.

Иако тие најави се однесуваат на Пробиштип, сепак знаеме дека токму таму се наоѓа најзагадената почва во Европа според студиите на професор Стафилов, а се последица на рудници од минатото. Значи свесноста за загадувањето на околината не постои и на веќе контаминирана почва ќе се дотури уште повеќе отрови наместо да се санира како постоечка жешка еколошка точка. Нека им биде јасно на сите дека рудници во југоисточна Македонија нема да дозволиме и сите оние што заговараат такви глупости ќе платат висока цена“, соопштуваат активистите.

За сите што ќе доаѓаат на протестот, упатуваат јавен апел за почитување на препораките на Министерството за здравство.

„Да се заштитиме и самите, и луѓето околу нас. Препораките ги знаеме сите: 1.Држете дистанца.2.Носете маски.3.Дезинфицирајте раце“, се вели во најавата за протестот.