МОСТ: Се прават притисоци за гласање и за присуство на партиски митинзи

За периодот од 15 октомври до 20 ноември, од добиени 2.025 извештаи, Граѓанската асоцијација МОСТ забележува непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата – 43 случаи во 26 општини. Односно, како што велат, присуство на фукционери и вработени во јавниот сектор на партиски настани во работно време и промовирање на политичари или политички партии на настани организирани од јавни институции.

Од МОСТ потенцираат дека на терен се распоредени се распоредени 80 долгорочни набљудувачи кои го набљудувааат изборниот процес во сите општини низ државата, а, меѓу другото, во 41 случај во 26 општини се забележани притисоци врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи на владејачката партија.

Забележаните се и нерегуларности, односно притисоци за гласање или обезбедување гласачи за владејачката партија. Има 7 такви случаи во 5 општини. Во однос на злоупотреба на јавни ресури, односно употреба на на службените возила за партиски цели – 7 случаи во 6 општини.

„Исто така загрижуваат случаите на противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори. Имено, регистриран е 1 случај на започнување со изградба на објект финансиран со јавни средства и 9 случаи на одржување на јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства“, потенцираат од МОСТ.

Напоменуваат дека овие случаи содржат индиции за сторени кривични дела и, доколку се докажат, велат од МОСТ, според Кривичниот законик за нив е предвидена казна затвор во траење од 6 месеци до 1 година.

Сите јавно достапни докази кои МОСТ ги поседува за овие случаи, ќе ги достави до Комисијата за следење на изборни нерегуларности која беше формирана од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија.