МОСТ: ДИК да појасни како да се пријавуваат нерегуларности во избирачкиот список

Граѓанската асоцијација МОСТ повика Државната изборна комисија да го прецизира правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење податоци во избирачкиот список, како и постапката за спроведување на теренска проверка заради негово ажурирање.

„Во текот на вчерашниот ден ДИК ја објави новата интернет страница која нуди опција за проверка на подетални податоци во Избирачкиот список. На овој начин граѓаните првпат, покрај можност за проверка со внесување на ЕМБГ, имаат можност да ги проверат и останатите податоци во ИС преку внесување адреса на живеење, како и име и презиме. По објавувањето на оваа нова можност за проверка на податоците се појавија индиции за (не)точноста, но и голем број нејасности на начинот на кој граѓаните можат да ги пријават овие нерегуларности“, соопштија од МОСТ.

Од МОСТ појаснуваат дека иако е објавена информација дека секој граѓанин може да поднесе барање за промена на податоци во ИС, ДИК паралелно треба да го прецизира правилникот во кој недостига упатство за начинот, како и неопходните документи кои граѓаните треба да ги поднесат при различни ситуации кои се појавуваат на ИС, а не се предвидени и опфатени со него.

„МОСТ веќе 14 години укажува на неопходноста за прочистување на Избирачкиот список. МОСТ апелира до сите граѓани со право на глас да ги проверат податоците во ИС и доколку забележат било какви неправилности истите веднаш да ги пријават во подрачните единици на ДИК или пак на бесплатниот телефонски број на МОСТ 080 080 080 каде што ќе добијат соодветен совет“, се додава во соопштението.

Соопштението на МОСТ доаѓа откако вчера ДИК го стави на увид избирачкиот список, по што голем број граѓани преку социјалните мрежи почнаа да пишуваат за забележани нерегуларности како енормно голем број станати во еден стан, проблематични адреси, починати и лица отселени во странство кои стојат на списокот.