Москва најави поголемо обезбедување во амбасадите после убиството на Карлов

Руските разузнавачки служби ќе ги појачаат своите мерки за безбедност, откако во понеделникот беше убиен рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов.

И Русија и Турција се согласија дека убиството на Карлов е „акт на провокација“.

Путин изјави дека атентатот „несомнено има за цел да ја прекине нормализацијата на билатералните врски и мировниот процес во Сирија“.

Светските сили, ЕУ и ОН исто така го осудија убиството, а Генералниот секретар на ОН, Ба Ки-мун изјави дека е „вчудовиден од овој бесмислен акт на терор“.

Убиецот на Карлов, Мевлут Мерт Алтинташ (22), полицаец од Анкара, наводно го убил амбасадорот како знак на протест против руската вмешаност во бомбардирањето на Алепо во Сирија. Веднаш  беше застрелан од страна на полицијата.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вели дека нападот бил наменет за да ги влоши врските со Русија.

Не е јасно дали убиецот има врски со било која терористичка група.

Според провладиниот весник Сабах, Алтинташ го активирал металниот детектор кога влегол на изложбата на која говорел амбасадорот, но го пуштиле да помине кога ја покажал својата полициска ознака.

Карлов бил ветеран-дипломат, кој служел како советски амбасадор во Северна Кореја поголем дел од 80-тите, а во Анкара бил поставен во јули 2013. Токму тој морал да се справи со големата дипломатска криза минатата година, кога Турција симна руски воен авион близу до сириската граница, при што починаа руски војници.