„Москито“, втора фестивалска бина на Д Фестивал со домашни изведувачи

Д Фестивал кој годинава најави тридневна програма од 15 до 17 јули во Дојран, покрај музичка програма на главната бина, за своите посетители подготвува разновидни и богати дополнителни фестивалски содржини. Во овој дел од програмата спаѓа и втората по големина музичка бина, сместена во рамки на фестивалскиот камп – Mosquito Stage (Москито Стејџ), на која музичката програма се одвива во текот на целиот ден.

Програмата на оваа бина, ја надополнува понудата на Д Фестивал со десетици музички изведувачи главно од домашната музичка сцена. Први во листата на изведувачи кои ќе настапат на „Москито Стејџ“ се Project Orpheus (Проџект Орфеус) – суштествениот музички потфат на Давид Димовски. Веќе докажаниот поранешен вокалист на „Hideout“, преку овој проект го проширува својот креативен капацитет и ги открива своите прогресивни музички интереси. Во 2015 групата го објави својот прв албум „Shaping the Static“ кој е снимен во живо и изведен концептуално, со тематски континуитет. Албумот е раскош од иновативни сонични кулиси, кои му дозволуваат на она што Давид го нарекува „naked flow“, чувството на речиси сирово олицетворение на инспирацијата, да се развива во текот на целиот опус.

На втората по големина бина на Д Фестивал ќе настапи и Millko(Милко), бендот од западно Скопје кој годинава е актуелен и со својот нов албум именуван „Милко“ кој официјално се појави на 27 ноември 2015 и сѐ уште е достапен за бесплатно преземање. Од скопскиот Чаир доаѓа триото Палиндром со несекојдневната комбинација на две бас-гитари и тапани, која ескалира во микс на различни жанрови. Младата скопска сцена на Д Фестивал ќе ја претставува прогресивниот метал бенд Metanoia (Метаноиа) кој е оформен во 2015 година. Овој моќен млад состав цели кон специфичен пост-модерен/футуристичен звук и атмосфера, а нивните текстови се одликуваат со филозофска, психолошка и социолошка тематика, како и субјективни и чувствени теми.

Од домашната инди рок сцена, во листата изведувачи се запишува извонредниот млад бенд од Тетово Kepurdahat (Кепурдат). Оваа група уште на почетоците од својата кариера зад себе веќе го има и првиот успех во регионот, кој дојде со нивната победа на регионален музички натпревар „Converse Rubber Tracks“. Од алтернативната сцена најавен е настап на кочанскиот пост-панк бенд Anna O (Анна О) кој минатата година го објави одличниот албум „Подочњаци“, за етикетата „КРАН Рекордс“.

Покрај претставниците на домашната сцена, на „Москито Стејџ“ на Д Фестивал ќе се претстават и гостите од регионот и пошироко. Први во оваа листа се запишуваат србите „Самостални референти“, белградскиот состав кој годинава прославува 20 години постоење и е еден од најпопуларните и најактивните ска бендови во Србија и регионот. Станува збор за десет музичари кои во овој бенд ја претставуваат автентичната мешавина на ска и панк музиката, со изразени дувачки инструменти, засилени со виолина и хармоника. Од Унгарија пак, на Д Фестивал доаѓа power folk бендот PaprikaRaprika (ПаприкаПаприка) чија енергична фузија сигурно ќе ве натера да танцувате на звукот базиран на унгарскиот фолк и панк енергијата, комбинирани со експериментални влијанија.

Во кампот на Д Фестивал ќе бидат сместени и посебните арт, забавни и спортски зони, а во овој дел од фестивалската понуда ќе можат да уживаат само оние кои ќе се одлучат за фестивалските пакет влезници (фестивал + камп). Од програмата на главната бина веќе се потврдени настапите на пионерите на рап културата кај нас, култните Чиста околина и британските легенди на даб музиката Dub Pistols, а во наредните денови ќе бидат објавени и нови изведувачи кои ќе го одбележат шестото издание на единствениот тридневен open-air фестивал кај нас.