Морските ветроелектрани можат да овозможат околу 900 илјади работни места во светот

Во следните пет години можат да се отворат околу 900.000 работни места доколку ширум светот дополнително се инсталираат околу 51 гигават моќност во крајбрежните морски ветроелектрани, се наведува во неодамнешниот извештај на Глобалниот совет за ветерна енергија (ГВЕЦ), пренесува хрватски „Индекс“.

Во извештајот се проценува дека на еден инсталиран мегават, во текот на 25-годишниот век на траење на проектот за ветроелектрани на море, се обезбедуваат 17 директни работни места.

Исто така, во извештајот се надополнува дека проектите за морските ветроелектрани нудат низа можности за вработување, од планирање и финансирање на проекти, производство и транспорт, до градежништво, производство и одржување.

„Истражувањето на Американското здружение за ветерна енергија од 2020 година откри дека секторот нуди добро платени работни места за кои е потребна разновидна техничка работна сила која опфаќа приближно 74 занимања, вклучувајќи електричари, заварувачи, турбински техничари, возачи на камиони, оператори на кран, механичари, научници..“, се вели во извештајот во кој се истакнува и силната еколошка компонента на морските ветроелектрани.

Како што се наведува, со еден гигават енергија произведена во ветроелектраните се избегнуваат повеќе од 3.5 милиони тони емисии на јаглероден диоксид.