Моравиц: Младите можат да учат од француско-германското помирување

Моравиц: Младите можат да учат од француско-германското помирувањеФренк Моравиц, организатор од Француско-германската канцеларија за млади во Берлин, во интервју за Радио МОФ, говори за предизвиците на младите во Европа, можностите за младите од Македонија и за француско-германското помирување како пример за Балканот.

– Кои се главните приоритети на Француско – германската канцеларија за млади, со што се занимава и која е нејзината цел?

Франко- германската канцеларија за млади беше креирана во 1963-тата и ние сме дел од Елисејскиот договор. Нејзината цел беше да им се даде на младите луѓе од Франција и од Германија можност да се запознаат, да дознаат повеќе за културата на другиот, да ги разберат разликите и конечно да развијат почит едни за други. Франко-германската канцеларија е интернационална организација, финансирана 50% од француската и 50% од германската држава и таа финансира околу 7000 програми. Секоја година околу 200.000 млади луѓе од Франција и Германија, имаат можност да дознаат повеќе за нивниот сосед и за туѓата култура а преку тоа и за својата култура.

– Статистиките велат дека дури девет милиони луѓе ја искористиле шансата да поминат низ некоја од програмите кои ги нуди оваа организација?

Да, од 1963-тата година до денеска, дури девет милиони луѓе имале можност не само да посетат друга земја туку и да дискутираат со млади луѓе од таа земја. Денес имаме многу луѓе кои имаат многу лични искуства со другата култура. Кога говориме за помирување, тоа не може да биде апстрактно нешто, туку треба да биде многу конкретно, многу лично искуство на човечко ниво со некого од другата култура.

 

Intervju so Frank Morawietz by Radio Mof on Mixcloud

– Кои можности ги нуди Франко-германската канцеларија за младите луѓе од Македонија и Балканот?

Од 2000-тата година имаме програма која се вика „Иницијатива за Балканот“ и правиме размена на студенти од целиот Балкан во Франција и Германија. Идејата е да им се даде на луѓето од Балканот можност да партиципираат во европскиот дијалог кој го имаме помеѓу Франција и Германија и исто така да им овозможиме на младите луѓе од Франција и Германија, да дознаат повеќе за Балканот и да ги разберат специфичните проблеми и размислувања на младите кои потекнуваат од Балканот.

-Подолго време работите на проекти во Македонија и добро ги познавате состојбите. Кои се најголемите предизвици кои младите луѓе ги имаат овде?

Најголем предизвик, но не само за младите луѓе од Македонија, туку во целата Европска унија е да се работи на иднината на демократијата, слободата и можноста сите заедно да живееме во мир. Преку примерот на Франција и Германија гледаме дека ние славиме 50 години помирување, 50 години соработка, но секое утро мораме да почнеме од почеток, за да се разбереме меѓу себе и да работиме заедно. Предизвикот кој сите ние го имаме е да ја креираме Европа а тоа не можеме да го направиме ако не се разбираме едни со други. Ако не ги знаеме разликите меѓу себе и ако не се почитуваме, како ќе градиме заеднички работи? Тука постои и предизвик за младите луѓе, активно да учествуваат во политиката, во граѓанското општество и да го изградат своето демократско општество.

– Франција и Германија ги имаа Шарл де Гол и Конрад Аденауер.Недостасуваат ли вакви политичари и визионери на Балканот?

Во моментот Аденауер и Де гол, не само што ги нема на Балканот, туку нив ги нема ниту во Европската унија. Некогаш во политиката се случуваат изненадувања, некогаш Де Гол и Аденауер може да се појават мошне изненадно. Но не секогаш е тоа прашањето, важно е да се има стабилно и активно граѓанско општество и да се партиципира во градењето на демократијата, мислам дека ова е поважно од тоа да се чекаат Де Гол и Аденауер. Немаме време да ги чекаме, мораме да бидеме активни, да ги споиме младите луѓе и да ја развиеме демократијата. Имаме многу млади луѓе со одлични идеи кои можат да придонесат во овој процес.

Кристина Озимец