Мораториум на изградбата на рудниците и ревизија на сите 86 доделени концесии, побараа граѓаните од југоистокот

Протест против отворањето на рудникот за бакар Казандол денеска се одржа и во Валандово. Неколку стотици граѓани од југоисточниот регион побараа од властите да си го одржат дадениот збор и да ги исполнат дадените ветувања во предизборниот период.

Мораториум на изградбата на рудниците Казандол кај Валандово, Иловица кај Струмица и Боров Дол кај Радовиш, како и стопирање и ревизија на сите 86 доделени концесии за рудници издадени од претходната влада и формирање на независна група со цел транспарентен увид на сета документација во врска со концесиите и дозволите за експлотација, се дел од барањата на Асоцијацијата „Југоистокот против рудници“.

„Нашето најголемо барање до власта е веднаш да ја запре изградбата на рударскиот комплекс Казандол. Очекуваме дадените ветувања да се исполнат и не отстапуваме од тоа. Овие луѓе денеска овде, преку протестен марш покажаа колку им е важна здравата животна средина и покажаа дека се подготвени да се борат за тоа право со сите сили“, велат од иницијативата „Спас за Валандово“.

Оттаму најавија кривични пријави против лица кои издале концесии и дозволи за рудници. Воедно, ги повикаа претседателот на државата и владата да донесат одлуки за сопирање на изградата на рудници.

Маршот започна со собир на булеварот „Првомајска” пред автобуската станица во Валандово каде повеќе активисти имаа свои обраќања. Тие го споредија функционирањето на рудниците со геноцид и велат дека влијанието што ќе го има е катастрофално по нивното здравје и земјоделието.

Освен во Валандово, протест против рудниците се оддржа и пред Владата, во знак на подршка на активистите од југоистокот.

Со своја реакција по протестите се јави Сардич МЦ, компанијата што би требала да стопанисува со Рударскиот комплекс Казандол, од каде тврдат дека нема да има загадување.

Оттаму тврдат дека производствениот процес ќе се реализира со хидрометалуршка технологија за извлекување на металот во затворен безбеден циклус, кој не дозволува никакви емисии во надворешна животна средина и е без опасност од загрозување на здравјето и безбедноста на луѓето.

„Рударскиот комплекс воопшто нема да има негативни влијанија ниту последици кон земјоделското производство. Отворени сме за дебата и дискусија на сите теми со сите засегнати“, велат од Сардич МЦ ДООЕЛ Скопје.

Тие сметаат дека рударскиот комплекс би донел бенефит за Буџетот на Република Македонија и општините Валандово, Богданци и Дојран.