Мониторинг: Владата информира или пропагира?

НВО Инфоцентарот, со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), спроведува мониторинг на односите со јавноста на Владата и на владините институции, со цел да утврди како извршната власт ја информира јавноста за спроведувањето на јавните политики, за своите активности, за постигнатите резултати, за постојните проблеми, како и да утврди какви пораки упатува Владата до македонските граѓани.

нво инфоцентар

„Анализата на содржините објавени во медиумите, а креирани во Владата, недвосмислено покажува дека во комуникацијата на извршната власт со јавноста, информирањето на граѓаните за политиките од јавен интерес, не е во преден план.  Оваа комуникација е примарно во насока на убедување на граѓаните дека Владата е  „успешна и безгрешна“, односно дека е „тефлон“ – извршна власт на која не се лепи ниту една грешка, ниту еден неуспех, ниту еден скандал, а во која успешно се „готват“ и спроведуваат политики по мерка на секој граѓанин. Законската обврска за информирање на јавноста е претворена во пропагандно-индоктринирачка активност, чија главна цел е создавање позитивен имиџ за власта, како во медиумите, така и во јавноста“, се наведува во извештајот за мониторингот.

Од НВО Инфоцентарот детектираат дека власта во јавноста креира црно-бела слика за доброто и злото каде носители на „црното“ и на „хаосот“  се главно опозицијата и критичарите на власта, додека на „доброто“ и „белото“ во општеството носител е власта, односно Владата и премиерот.

„Овој јазик создава облици на идентификација или со други зборови гради идентитети кои се на линија на интересите на власта и нејзините политики. Им сугерира на луѓето кој е виновен за нивните несреќи, неуспеси и сигнализира кој треба да биде исклучен од колективниот идентитет, за правдата да биде задоволена. Затоа овие идентитети не се толерантни и не се чувствителни на плуралната реалност на општеството, туку рефлектираат анти-плуралистички светоглед, во кој освен за бинарните опозиции (ние – тие, добрите – лошите, чесните – корумпираните, обичните луѓе – „забеганите“ либерали) нема место за какви било други нијанси“, се додава во извештајот.

Мониторингот покажал дека пораките на Владата изобилуваат со пофалби за спроведените реформи и сработеното, но не информираат за постојните проблеми или застои во реализацијата на реформите и политиките.  Промена има и во однос на темите, односно се помалку владините претставници во своите изјави ставаат акцент на инвестицијата „Скопје 2014“ како и на заложбите за што побрзо интегрирање на Македонија во Европската Унија.

„Наспроти ова, активностите и комуникацијата на Владата со јавноста изобилуваат со економијата, односно со инвестиции, градежништво, субвенции, најави за отворање нови работни места, специјалните економски и социјални пакет-мерки за специфични групи граѓани (пензионери, јавна администрација, невработени, деца без родители, стечајци, војници, самохрани родители, многудетни семејства, студенти, земјоделци и др.). Изобилството вакви информации, во ситуација на голема безработица и економска криза, недвосмислено укажува на намерата на Владата, преку својата пропаганда, да го разбуди оптимизмот кај граѓаните и да ја зголеми вербата во неа, како единствена гаранција за подобар и побогат живот“, се додава во извештајот.

Првиот извештај го опфаќа новогодишниот и постновогодишниот период, а предмет на анализа се официјалните соопштенија на Владата и на министерствата на официјалните владини интернет-страници, информациите поврзани со работата на извршната власти и објавени од страна на државната агенција МИА, како и прилозите, изјавите и интервјуата на владините претставници, на претставниците на владејачките партии во јавноста и обраќањата на македонскиот премиер.