Моника Илкова, QxJunk: Еко-ѕидови од палети за помалку отпад и поголема свест

Едногодишниот престој во Словачка, на младата Моника Илкова и го промени животот, откако и ги отвори очите за тоа колку луѓето во Македонија се несвесни за отпадот кој го создаваат, за неговото селектирање, но и за рециклирањето кое е дел од секојдневното живеење во развиените земји. Затоа го обмисли проектот QxJunk, кој ги собра симпатиите на публиката и беше еден од победниците на годинешните Награди за социјално претприемништво.

„Живеев подолго време во Словачка и таму луѓето се посвесни за еколошкиот проблем со ѓубрето. Околу мене сретнав луѓе што се активисти и се грижат за животната средина. Бев разочарана колку ние во Македонија не знаеме за рециклирање. И самата, кога заминав пред една година, никогаш немав допир ниту со рециклирањето, ниту со некаква селекција на отпад, и искрено, бев многу засрамена бидејќи ја немав таа грижа на совест за животната средина како луѓето околу мене. Јас никогаш не сум фрлала смет на улица, но не знаев дека треба да рециклирам. Сакав нешто да сменам кога ќе се вратам, и ова е мојот прв чекор“, ја почнува својата приказна за проектот, но и за носењето животни одлуки, младата Илкова.

Основата на нејзиниот проект е да ја собира веќе употребената дрвна амбалажа од индустријата, како што се палетите кои најчесто завршуваат со останатиот отпад, и од нив да прави преградни ѕидови со дизајнерски печат.

„Идејата е насочена кон давање на позитивна слика за терминот отпад, отпадно редуцирање, реупотреба и рециклирање. Значи нешто што за мене е ѓубре, за некој друг можеби и не е. Се прашував како поимот отпад да добие позитивно значење за да не гледаме на реупотребата како на нешто негативно? Моментално сум фокусирана на модуларни преградни ѕидови со кои би се добила лесна адаптација и моделирање на простор. Ќе се изработуваат од палети, со можност за персонализација во договор со оној кој ги нарачува. Добивате нешто уникатно, а јас верувам дека секој човек заслужува да има дизајнирано парче и дека дизајнот не треба да биде привилегија само за богатите“, вели Илковска.

Во обликувањето на идеите, вели таа, во голема мерка и помогнало знаењето од Факултетот за индустриски дизајн кадешто дипломирала. Таму, забележува, морале да бидат и вешти и снаодливи.

„Кога јас размислував што можам да направам, ја искористив мојата професија за да дојдам до решението. На факултет нас не учеа да бидеме вешти со раце, затоа што за да се направи некој прототип кој го дизајнирате, мора да ги употребите рацете и да употребите материјали кои се малку поекономични, да се снаоѓате. И тоа е она на кое се заснова идејата. За овој проект мислам дека во голема мерка е „виновно“ моето образование“, заклучува Илкова.

За почеток ќе се фокусира на отпадното дрво, но нема да застане само на ова. Голем дел од она што сега се фрла, забележува, може да биде реупотребено. Заедно со преградните ѕидови прави и персонализирани мапи за патување, направени од рециклиран материјал, кои служат за одбележување на патувањата.

Запрашана, дали може да се живее од ваков социјален бизнис, вели:

„Мислам дека ако работите од срце, и ако идејата не ви е само за да заработите, но и ако луѓето ја видат искреноста и посветеноста во вашата работа, мислам дека ќе може да се живее. Не е се во статистиката. Ако ви кажат дека статистички не е возможно, јас сакам да бидам тој исклучок кој ќе каже дека може да се живее од ова“.

Вели, дека во моментов, најважно и е нејзиниот проект да инспирира.

„Знам дека не можам да имам огромно влијание, дека ако јас почнам да изработувам нешто од дрвен отпад, нема веќе да постои ваков тип на отпад. Но исто така знам дека можам да инспирирам да се зголеми свеста за проблемот. Знам дека мојата идеја, заедно со други слични идеи, може да помогне во подигнување на еколошката свест за рециклирањето“, вели таа.

Затоа и нејзиниот сон е овој проект да прерасне во нешто поголемо, во еко-хаб или зелен концепт центар.

„Сонувам дека еден ден ќе можам да направам еден центар од реупотребени материјали, во кој луѓето ќе најдат секаков вид информации за тоа како да рециклираат, како да селектираат, како да реупотребуваат, но и сами да видат и пробаат како се прави мебелот од реупотребено дрво. Исто така, би можеле да ги користат просториите за едукативни цели, за културни и уметнички настани. Сакам да тоа да биде еден еколошки – културен центар“, вели младата дизајнерка.