МОН: Во вторник истекува рокот за пријавување за 2.400 денари субвенциониран студентски оброк

На 31 август, вторник, истекува рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк наменет за сите редовни студенти на државните и приватните универзитети во државата.

Од Министерството за образование и наука (МОН) ги повикуваат тековните студенти, денеска и утре да го завршат пријавувањето, за да може првата уплата во износ од 2.400 денари, да ја добијат на почетокот на октомври годинава. Следниот рок за аплицирање за оваа субвенција е од 1 до 31 октомври 2021 година, за студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар.

„Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Според проценките на МОН, очекуваме ова право да го искористат околу 40.000 студенти“, велат од МОН.

Начинот на аплицирање е дигитализиран, односно пријавувањето се спроведува електронски преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

Од Министерството информираат дека до сега за користење на субвенционираниот студентски оброк пријавени се 15.627 студенти.