МОН: Во изолација се 53 ученици и 8 наставници – преминуваат на учење од далечина

Министерството за образование и наука информира дека од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници. Во сите училишта каде имало позитивни случаи во рамки на наставата со физичко присуство се постапува навремено, согласно протоколите и алгоритмите, велат тие.

Од вчера вечерта во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин” во с. Подареш, Општина Радовиш, откако нивен соученик е позитивен на Ковид-19. Засега во ова училиште нема наставници кои се заболени или во изолација.

Двајца наставници кои работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на вирусот Ковид-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца кои се позитивни се индивидуални случаи – едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, и едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, и едно во „Кирил и Методиј“ – Кочани. Од центрите за јавно здравје се следат алгоритмите и за нив не се дадени препораки за изолација бидејќи биле почитувани мерките за заштита“, информираат од МОН. 

Оттаму појаснуваат дека шест од вкупно осум наставници не биле во директен контакт со децата, бидејќи предавањата ги држеле онлајн.

„Дополнително, сите наставници и ученици кои се во изолација преминуваат на учење од далечина, со што се обезбедува континуитет на образовниот процес. МОН потесетува дека паралелно со онлајн наставата, се реализира и емитување на 15 минутни часови на телевизија преку Националната радио телевизија. Исто така се доставуваат печатени материјали до децата и тие се во постојана комуникација со нивните наставници“, велат од министерството.

Тие апелираат до сите наставници максимално сериозно да пристапат кон личната заштита од Ковид-19 во следниот период.

„Тие носат одговорност за сопственото здравје, но и за задравјето на учениците“, нагласуваат од МОН.