МОН: Во 12 училишта ќе се тестира „SELFIE“ – алатка за саморефлексија и воведување дигитални технологии во наставата

Заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов, оствари координативна средба со претставници од Европската фондација за обука и Заедничкиот истражувачки центар при Европската Kомисија за пилотирање во 12 училишта на алатката „SELFIE“.

Како што посочуваат од Министерството, примената на „SELFIE“ ќе овозможи насочување на училиштата во процесот на саморефлексија и ефикасно воведување на дигиталните технологии во наставата, учењето и оценувањето на учениците. Планирано е во текот на оваа недела да се спроведе обука за номинираните лица од 12 основни и средни училишта. SELFIE алтаката на национално ниво се планира да се имплементира во учебната 2019/2020 година.

Со оваа алатка на училишно ниво ќе се истражуваат шест области: лидерство, инфраструктура и опрема, континуиран професионален развој, настава и учење, практики за оценување и дигитална компетентност на учениците. Резултатите се споделуваат преку интерактивен извештај без хартија. На системско ниво, „SELFIE“ ќе овозможи, преку анонимни агрегирани податоци, преглед на дигиталната подготвеност на училишниот систем во Република Северна Македонија.