МОН: Вечерва ќе бидат објавени прашањата за екстерното

Министерството за образование и наука информираше дека денес по 20:00 часот, прашањата коишто ќе бидат дел од тестовите при процесот на екстерно тестирање на учениците од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование, ќе бидат објавени на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk.

Јавниот базен ќе содржи 445.700 прашања на македонски, албански, турски и српски јазик по вкупно 7.560 предмети. За секој предмет се генерирани прашања во зависност од неговата застапеност во наставниот план, односно бројот на часови. За предмет застапен со 1 час неделно, генерирани се 100 прашања, за предмет со 2 часа неделно генерирани се 200 прашања, за предмет застапен со 3 часа неделно генерирани се 300 прашања.

Секој ученик преку менито на интернет страница prasanjaeksterno.dic.edu.mk ќе може да ги види прашањата по предметите коишто го засегаат.

Исто така, отворена е и можноста на секое прашање доколку некој од учениците или било кој граѓанин забележи извесна грешка од техничка или друга природа, која е возможно да постои имајќи ја во предвид количината на прашањата, да пријави со клик на апликацијата до секое прашање.

За други прашања или сугестии коишто не се поврзани со содржината, односно со технички корекции на прашања, може да се реагира на мејлот eksternocontact@dic.edu.mk, на што операторите од Државниот испитен центар ќе одговораатт во најкраток можен рок. Оваа можност ќе биде достапна до 14 мај 2015 година, по што, откако ќе бидат вметнати сите издржани забелешки, повторно ќе биде креирана и објавена финалната база на прашања, информираат од МОН.