МОН: Училиштата да не носат сами одлуки, нема одобрени планови за одработување на настава

Министерството за образование и наука преку соопштение информираше дека се уште не се одобрени плановите за одработување, односно надоместување на пропуштените наставни денови во дел од училиштата во земјата, каде што во изминатиот период имаше бојкот на наставата, иако во повеќе општини веќе е закажана настава за утре.

Во него, Министерството потенцираше на плановите кои ги изготвија и доставија училиштата од општина Куманово. Според МОН, одлуката за одржување на настава во текот на утрешниот ден во Куманово е иницијатива исклучиво на локалната самоуправа и на директорите на училиштата на нејзина територија.

„Апелираме до директорите и училишните раководства да се воздржат од самоиницијативност и носење на лични одлуки за одработување на пропуштените наставни денови, додека не добијат официјални насоки од Министерството за образование и наука“, се вели во соопштението.

Но, по дописот на Министерството за образование и наука, кумановски портал ја пренесе реакцијата на СОУГ  „Гоце Делчев” и уште две две средни училишта од Куманово. Според нив, МОН бара од директорите да се достави план за реализација на пропуштените часови, а не по нивна одлука.

Тие во прилог имаат испратено и официјален документ од министерството испратено до сите училишта и општината на 5 февруари 2015 година, потпишан од министерот Абдилаќим Адеми.

Штрајкот на просветните работници кој започна на 20 јануари, на првиот ден од второто полугодие, заврши после две недели, откако Министерството за образование и наука соопшти дека со СОНК била постигната спогодба. Со оваа одлука, генералниот штрајк на СОНК се стави вон сила, а наставата продолжи нормално да се реализира во училиштата. Воедно, казните за наставниците поврзани со екстерното тестирање се ставија во мирување до идната година.