МОН соопшти, СОНК потврди – штрајкот на наставниците е прекинат

Министерството за образование и наука соопшти дека заедно со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) по неколкудневни интензивни преговори, постигнале заемно прифатлива спогодба, со што одлуката за генерален штрајк на СОНК се става вон сила, а наставата ќе продолжи нормално да се реализира во училиштата. СОНК ја потврди оваа информација.

Повеќе медиуми вечерва објавија неофицијална информација според која е постигнат договор казните за наставниците поврзани со екстерното тестирање да се стават во мирување до идната година, а МОН и СОНК во следните недели да преговараат за барањата за покачување на платите во образованието.

„Врз основа на заемно прифатената спогодба, одлуката за генерален штрајк на СОНК се става вон сила. Истовремено, продолжуваат интензивните преговори во рамки на социјалниот дијалог“, се вели во соопштението на МОН.

Оваа информација дојде помалку од еден ден пред закажаниот протест на просветните работници низ целата држава.

СОНК, пак, преку соопштение информираше дека за ова се дискутирало на вонредната седница на раководството на синдикатот, одржана денеска , на која присуствувале и министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

„По подолга расправа Советот оцени дека постигнатиот договор помеѓу СОНК и ресорните министерства по барањата , кои беа причина за генералниот штрајк, претставуваат прифатлив компромис и врз основа на тоа, Советот донесе одлука штрајкот да биде прекинат во сите основни и средни училишта, како и во градинките. Тоа значи на 4 февруари редовно ќе се извршуваат работните обврски, согласно наставниот план и програма и работното време, согласно одлуките на секоја установа.“, соопштија од СОНК.