МОН: Продолжува проектот „Родителска школа“

Вкупно 6.932 повикувања за советување на родители и ученици во основните и средните училишта се реализирани заклучно со месец јули 2013 година во рамки на проектот на Министерството за образование и наука „Советување на родители-родителска школа“.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски денеска на прес конференција рече дека од посочениот број советувања остварени во вкупно 219 училишта, за изостаноци на ученици се извршени 2.085 советувања, поради намален успех на ученикот 3.726 , поради несоодветно однесување на ученикот 260и поради други причини 861 советувања.

„Советувањето се спроведуваше во просториите на училиштето во две шеесетминутни средби во период од најмногу две недели, а за целиот процес согласно законските одредби задолежни се психолизите во училиштата. Доколку во нив нема вработено психолог советувањето може да го изврши и педагог“, рече Ристовски.

Тој информираше дека проектот ќе продолжи да се реализира и наредната учебна година, бидејќи давал резултати за поквалитетно образование на децата.

МОН започна со реализација на проектот „Советување на родители-родителска школа“ од почетокот на минатата година. Целта на проектот е да се советуваат родителите чии деца нередовно посетуваат настава и имаат слаб успех во учењето, како и да се направи советување на самите ученици.