МОН препорачува електронско аплицирање за студентските стипендии

Министерството за образование и наука потсетува дека во тек е аплицирањето за стекнување на правото на студентска стипендија во академската 2020/2021 година, кое трае заклучно со 30 ноември и препорачува тоа да се направи електронски.

Кандидатите кои ќе аплицираат електронски, немаат обврска да ги достават документите хартиено и обратно – студентите кои поради било каква причина немаат можност или нема да одберат да аплицираат електронски, ги доставуваат документите само хартиено во МОН.

„Имајќи ја предвид актуелната епидемиолошка состојба во државата, во интерес на заштита на личното здравје, а со тоа и заштита на јавното здравје, Министерството за образование и наука упатува апел до студентите, доколку се во можност да го искористат електронскиот начин на поднесување на апликацијата, кој е безбеден, но и поедноставен во однос на доставата на документите во хартиена форма во просториите на МОН“, велат од Министерството.

Упатството за електронско аплицирање е објавено на следниот линк. Конкурсите се објавени на интернет страницата на МОН.

Дополнително, покрај конкурсите за доделување студентски стипендии, во тек е Конкурс за поврат на средства за купен музички инструмент за академската 2020/2021 година, со кој на 25 студенти, запишани на државните високообразовни установи каде се остваруваат студиски програми од областа на музиката, а кои ќе ги исполнат конкурсните услови, Министерството за образование и наука ќе им изврши поврат на дел од средствата за купен музички инструмент во висина од 75% од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари по инструмент. Аплицирањето е идентично како и кај студентските стипендии (потенцијалните кандидати одбираат или електронска или хартиена достава на документите) и трае 60 дена од денот на објавата на конкурсот.

Контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк, а официјалната електронска адреса на министерството е contact@mon.gov.mk.