МОН: Предлогот на УКИМ е конструктивен

Предлогот на Универзитетскиот Сенат на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, да се иницира сеопфатна расправа од која би произлегле измени на тековниот или предлог за нов Закон за високо образование, Министерството за образование и наука соопшти дека го оценува како конструктивен.

Во продолжение интегрално го пренесуваме нивното соопштение:

Во однос на денешниот предлог на Универзитетскиот Сенат на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, доставен до Министерството за образование и наука сакаме да го истакнеме следното:

Министерството за образование и наука е секогаш отворено за дијалог и за аргументирани идеи кои значат унапредување на високото образование и понатамошни реформи кои ќе бидат од интерес за сите чинители во образованиот процес.

Министерството, како што веќе и претходно беше јавно истакнато од наша страна, е подготвено во следниот период да организира процес на сеопфатна, стручна и темелна анализа со сите субјекти во оваа сфера, како и разгледување на најдобри практики и искуства во оваа сфера, процес од кој би можеле да произлезат предлози за реформи и подобрувања во високото образование.

Веруваме дека понатамошното унапредување на квалитетот на високото образование е темелна определба на сите нас и истакнуваме дека предлогот на Сенатот на УКИМ го цениме како конструктивен.