МОН: Од утре ќе се спроведува екстерното тестирање во училиштата кои штрајкуваа

Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар информираат дека од понеделник, (16 февруари) ќе се спроведе екстерното тестирање на учениците од завршните години (трета и четврта) во средните училишта, кои не беа тестирани во периодот од 26 до 30 јануари.

Од МОН соопштија дека тестирањата ќе се реализираат според објавените распореди на интернет страницата: prasanjaeksterno.dic.edu.mk, а резултатите ќе бидат објавени на 23.2.2015 година.

Ова се однесува на периодот кога неколку училиште низ државата се вклучија во генералниот штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Нивните барања беа ревидирање на процесот на екстерно оценување, зголемување на платите, регулирање на минималната плата, укинување на паричните казни за наставниците кои имале слаби резултати на екстерното оценување на учениците, но и други барања за подобрување на статусот на просветарите.

СОНК во тој период потенцираше дека во училиштата каде се штрајкува се носеле заменски тестатори кои го реализирале екстерното тестирање на учениците од завршните години, воедно професори од тие училиште не ги признаваа резултатите од таквото тестирање. Подоцна, Државниот испитен центар ги демантираше овие информации.

Штрајкот на просветните работници заврши по две недели, откако Министерството за образование и наука соопшти дека заедно со СОНК по интензивни преговори, постигнале заемно прифатлива спогодба, со што одлуката за генерален штрајк на СОНК се стави вон сила, а наставата продолжи нормално да се реализира во училиштата.

Тие постигнаа договор, казните за наставниците поврзани со екстерното тестирање да се стават во мирување до идната година, а МОН и СОНК во следниот период да преговараат за барањата за покачување на платите во образованието.