МОН објавува Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови

Министерството за образование и наука информира дека утре ќе биде објавен Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во Македонија за учебната 2016/2017 година.

Согласно Конкурсот, предвидени се вкупно 2.550 слободни места во сите ученички домови во Република Македонија

Приоритет при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на Република Македонија.

Право на сместување во јавните ученички домови имаат ученици кои ги исполнуваат следните услови: Да се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2016/2017 година; Да се државјани на Република Македонија; Да се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината, односно градот Скопје каде ученикот има постојано место на живеење; Училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз; Училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

Учениците кои се запишани во Спортската академија во Скопје, треба да ги исполнуваат следните услови за прием во јавните ученички домови: Да се запишани како редовни ученици во Спортската академија во Скопје во учебната 2016/2017 година; Да се државјани на Република Македонија; Да се со место на живеење различно од местото во кое е Спортската академија и ако во местото во кое ученикот живее не се реализира наставен план за спорт за кои ученикот е запишан.

Комплетната документација, учениците кои конкурираат во првиот уписен рок, треба да ја достават од 29.06.2016 година до 08.07.2016 година во домот каде што бараат сместување. Оние кои конкурираат во вториот уписен рок, документите ги доставуваат од 22.08.2016 година до 30.08.2016 година во домот каде што има слободни места после првиот уписен рок. Учениците пак, кои претходната учебна година престојувале во ученички дом, комплетната документација треба да ја достават најдоцна до 06.07.2016 година до соодветниот дом.

Резултатите од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2016/2017 година по првиот уписен рок ќе се објават на огласната табла на домот најдоцна до 22.07.2016 година, додека за вториот уписен рок ќе се објават на огласната табла на домот најдоцна до 31.08.2016 година.

Вселувањето на примените ученици започнува од 31 август 2016 година.