МОН нуди 10% повисока плата во образование, СОНК размислува за предлогот

Покачување на платата во дејноста образование за 10% е понудата од Министерството за образование и наука на денешната средба во владата помеѓу премиерот Зоран Заев, министерот за образование и наука Арбер Адеми и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков. Од СОНК велат дека ваквиот предлог допрва ќе биде разгледуван.

„Имаме конкретен предлог за покачување на платите, и јас би кажал дека ова е историско покачување на платите во дејноста образование. Така што, конкретниот предлог е од април, платите да бидат покачени за дополнителни 10% во дејноста образование, почнувајќи од основно, средно, високо и наука. Така што во 2018 сме имале 5% покачување на платите, во 2019 од септемвриската плата со дополнителни 5% и априлската плата ќе биде во 2020 година, со 10% покачување на платите“, изјави министерот за образование и наука Арбeр Адеми по средбата.

Неделков вели дека Советот на СОНК мора да расправа врз анализите и добиените резултати, а тоа значи дека се потребни неколку денови за да одговорат на дадениот предлог, и да кажат дали се задоволни или не од предлогот.

„Лично како човек, а не како претседател на СОНК, секогаш се трудам и тежнеам кон нешто повеќе, во однос на она сегашното. Така да, сметам дека може и повеќе“, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

СОНК на првиот ден од новата учебна година одржа еднодневен предупредувачки штрајк на кој се бараше зголемување на платите на просветните работници за 25 отсто. Од Синдикатот најавија дека доколку не се постигне договор со надлежните, ќе пристапат кон генерален штрајк во образование.

М.К.