МОН наложи да се одложат школските екскурзии во Италија поради коронавирусот

Министерството за образование и наука информира дека доставиле насоки до сите образовни институции во државата за зашита од коронавирусот.

Покрај организирање на едукативни предавања поврзани со начините за превенција од вирусот, насоките наложуваат и образовните установи да ги одложат планираните патувања и екскурзии на ученици, студенти и вработени во Република Италија.

„Исто така, во најкус можен рок по телефонски/електронски пат потребно е образовните установи да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти – дали во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур и Тајван.

Лицата кои ќе дадат потврдна информација потребно е да не доаѓаат на работа, односно да не посетуваат настава, додека не добијат соодветни инструкции, односно совети за следни чекори што ќе треба да ги направат зависно од ситуацијата и од планот на надлежните здравствени институции и Владата“, стои во соопштението на МОН.

Покрај ова, од Министерството апелираат менаџментите на образовните институции да ја подигнат хигиената на највисоко ниво во сите простории каде има честа фреквенција на луѓе.

Вчера Министерството за здравство го потврди првиот случај на коронавирус во С. Македонија.

Оттаму објавија броеви на кои патници кои по пристигнување на територијата на државата имаат сомнителни симптоми слични на коронавирусот да се пријават.

Вирусот за прв пат се појави во декември минатата година во Кина, каде досега починале над 2.500 луѓе, додека над 80.000 луѓе низ светот се заразени.