МОН најави реформа на педагошките факултети

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска оствари средба со деканите на Педагошките факултети од државните универзитети, со цел да го презентира проектот за реформа на овие високообразовни установи.

МОН најави реформа на педагошките факултети

Реформите опфаќаат повеќе сегменти кои ќе овозможат поквалитетно образование на наставниците, рече Адеми.

Една од новините е воведување на построги критериуми за упис на Педагошките факултети преку полагање на приемен испит, соопштуваат од министерството. Исто така, студенти на Педагошки факултет можат да бидат само учениците кои во средно образование имале минимум 4 просечен успех.

Според министерството, средношколците ќе се стимулираат за упис на овие факултети преку доделување на стипендии за најдобрите студенти, како и преку континуирано зголемување на платите на наставниците.

Дипломираните наставници пак, ќе добијат можност да се доедуцираат преку воведување на стипендија во траење од една година, со можност за тоа време да го стават во мирување работното место и со обврска да останат на истото најмалку пет години по завршување на едукацијата, додаде Адеми. Со реформите е предвидено отворање и на Академија за наставници.

„Сите кои ќе завршат педагошки факултет, но и сите оние кои се заинтересирани во иднина да работат како наставници ќе мора да поминат низ Академијата која ќе има посебна студиска програма. Меѓутоа тоа што е најбитно, од моментот кога ќе се запишат на Академијата, ќе се сметаат како вработени, ќе добиваат плата и ќе им се загарантира работното место“, рече Адеми.

Деканите на Педагошките факултети од четирите државни универзитети кои присуствуваа на состанокот со министерот Адеми, се задоволни од можноста за воведување на суштински измени во функционирањето на овие институции.

„Денешната средба укажува дека е неопходна посуштинска промена на студиските и предметните програми на Педагошките факултети, односно посуштинска промена на физиономијата на овие институции, од причина, свесни сме за фактот дека оној што ќе се запише и ќе заврши Педагошки факултет, треба да биде и учител. Овие реформски зафати одат токму кон тоа. На овие институции со помош на Министерството со помош на Владата, со помош на другите заинтересирани субјекти, да се создаваат вистински професионалци“, рече Владо Тимовски, декан на Педагошкиот факултет при УКИМ.

Овие реформи предвидуваат постоење на Педагошки факултети само на државните универзитети, во кои ќе се предава преку унифицирана наставна програма.