МОН лани трошело огромни суми од буџетот за хотели, ресторани и вработени без дефинирани обврски

Министерството за образование и наука минатата година трошело огромна сума на државни пари на хотели, ресторани, превоз, како и на плати за вработени, за кои нема соодветна документација, обелодени Државниот завод за ревизија во најновиот извештај. Неправилното работење и пропустите се случувале за време на мандатот на поранешниот министер Абдилаќим Адеми и актуелниот Пиштар Љутфиу.

Ревизијата утврдила дека министерството потрошило 2 милиони 466 илјади денари на плати за седум административни службеници вработени во министерството, иако за нив немало докази за присуство на работа.

„Присуството на работа на споменатите вработени, не можеше да се потврди од системот за електронска евиденција на работното време од причина што тие не се внесени во системот, а не се презентирани ниту обрасци за оценување и решенија за годишен одмор и други реални докази од кои може да се потврди присуството на вработените на работа. Ваквиот начин на исплата е против Законот за работни односи, Законот за административни службеници“, велат од Заводот за ревиизја.

Оттаму препорачуваат, одговорното лице во министерството да го утврди работното ангажирање на овие вработени и доколку се утврди нивно неоправдано отсуство од работа да се преземат мерки за престанок на вработување. Од МОН, пак реагирале со следниот став:

„Сите вработени во МОН се евидентирани во електронскиот систем за евиденција, имаат формулари за оценување и решенија за годишен одмор. Поради утврдените недостатоци во постоечкиот електронски систем поради кои ревизијата дошла до ваков заклучок во МОН во тек е постапка на јавна набавка на нов електронски систем за евиденција со кој ќе се отстранат констатираните состојби“.

Тие нагласуваат дека „буџетските средства се потрошени рационално, економично и ефикасно“, иако ревизијата покажува друго.

Во текот на 2015 година, кога на чело бил Адеми, во МОН биле ангажирани 62 лица по договор за дело, од кои 26 лица биле вработени во кабинетот на министерот без согласност од Министерството за финансии и за нив биле исплатени 4.361.000 денари.

Слична е ситуацијата и при проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали, каде без согласност од Министерството за финансии биле ангажирани 13 лица со кои биле склучени договори за дело за временски период од 5 години, а за што биле одвоени 6. 330.000 денари. Од извршениот увид во договорите, објавените огласи и доставената документација од страна на кандидатите, ревизијата констатира дека дел од избраните кандидати се без објавување на оглас, а дел не ги исполнуваат условите предвидени во огласот од страна на министерството.

„Министерството нема докази за нивниот работен ангажман, а не постои ниту критериум во утврдување на висината на надоместоците за извршена работа“, се вели во ревизијата.

Сепак, во забелешките на МОН се вели дека лицата за изградба и опремување на овие сали не се вработени туку се ангажирани, па според тоа никаде не е утврдено дека е законска обврска да се објави оглас. Исто така, од МОН нагласуваат дека сите ангажирани лица со кои се склучени овие договори ги исполнувале условите од огласот.

Но, покрај ова, Министерството лани потрошило дури 12.513.000 денари без соодветна документација за ова трошење. Па така, за хотелско сместување за вработени и гости од странство биле исплатени вкупно 861.000 денари без патни налози, покани за гостите, агенда за настаните и слично, а од нив 707.000 денари се платени за сместување во хотели со категорија од пет ѕвезди. Потоа, потрошени се 240.000 денари за такси превоз кој во најголем дел е користен од страна на вработените надвор од работното време, констатира ревизијата.

За гориво, пак, биле потрошени 5.414.000 денари без поединечни налози за користење на патничките автомобили за службени обврски без да се утврди начинот и намената на нивното користење, односно кој го користи возилото, називот и регистерскиот број на возилото. Дополнително на ова, за 17 возила од возниот парк со кој располага министерството не е извршена проценка.

За угостителски/ресторански услуги се потрошиле 5.151.000 денари , исто така, без соодветна документација, од којашто не може да се утврди видот и намената, а од нив, 847.000 денари се однесуваат за набавка на прехранбени производи. Ревизијата истакнува дека ваквите трошоци во тековната 2015 година се двојно зголемени во однос на 2014 година.

На ова, денеска во изјава за Алсат М ТВ, Адеми рече дека сите забелешки се поправени и се работи по Закон.

„Станува збор за настани и активности реализирани од МОН, посети од високо ниво на разни делегации, манифестации за Денот на албанската азбука, Денот на албанските наставници, Меѓународниот ден на наставникот, конференцијата Албнаука и други активности, кои според Законот може да ги организира и трошоците да ги покрива министерството. Кому му пречи државна организација на овие манифестации за образованието на албански јазик, нема да коментирам, нека оцени јавноста“, рече Адеми.

Од забелешките на МОН, пак, може да се извлече заклучокот дека е изготвен нов Правилник за утврдување на начинот на упатување на службен пат, начинот на пополнување и одобрување на патните налози и утврдувањето износи на дневници и превозни и други трошоци за извршени службени патувања во земјата и во странство на вработените во министерството и други службени лица. За користењето на такси превозот и службениот мобилен телефон со надминат лимит, од МОН велат дека е донесена наредба за постапување.

Но, контроверзиите околу несовесното трошење на буџетските пари не застанува овде. За реализација на проектот за превод на 500 стручни, научни книги и учебници, министерството склучило договор со економски оператори за набавка на превод, со откупени авторски права, стручна редактура, лектура, компјутерска обработка, печатење и дистрибуција на книги на македонски и на албански јазик во 2010 година и презела обврски во вредност од 510.413.000 денари.

Ревизијата забележала дека во магацинот каде што се доставуваат книгите/учебниците не се води целосна евиденција за примените и издадените книги на државните органи, институции и установи на државата, односно министерството нема податок за вкупниот број на примени и издадени книги/учебници. Потоа, Министерството склучило договор за примопредавање на учебници само со органите на државната власт (министерствата), но не и со другите институции и установи на кои им се дадени книги/учебници на трајно користење без надомест, што е спротивно на одлуките за престанок и за давање на трајно користење на движни ствари. Исто така, во склучените договори не била наведена вредноста на книгите вкупно, или поединечно.

Како проблем, Заводот за ревизија го нотира и тоа што во билансот на состојба за 31 декември 2015 година, за долгорочни кредити и позајмици дадени во земјата евидентирани се 1.106.023.000 денари за студентски кредити од 1996 година до 2010 година.

Ревизијата не може да ја утврди точноста на искажаниот износ, бидејќи не било извршено отпишување на ослободениот дел од обврските за враќање на студентските кредити. Тие велат дека надлежната Комисија треба да ја испита старосната структура на секое поединечно побарување и да преземе мерки за застарените а ненаплатени побарувања, на што МОН одговара дека веќе е формирано тело кое ќе го реши овој пропуст.

Исто така, ревизијата обелодени дека министерството се јавило како тужител во 15 управни постапки, а во 37 судски постапки и 15 управни спорови како тужена страна.

Ревизијата беше извршена во согласност со Ревизорските стандарди на Врховните ревизорски инститиуции. Оттаму посочуваат дека препораките кои тие ги даваат, министерството делумно ги спроведува. На пример, за ревизијата на финансиските извештаи на министерството од 2009 година, надлежните сè уште не изразиле мислење за вистинитоста и објективноста на извештаите, а за усогласеноста со законите и прописите било изразено мислење со резерва.