МОН ќе финансира научно-истражувачки проекти за развој на лабораториските ресурси

Министрите на вчерашната владина седница одлучија да се одвојат финансиски средства за научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година, со фокус на поддршка за развој на лабораториски ресурси. За оваа намена се обезбедени 17.330.000 денари, информираат од Влада.

Министерството за образование и наука врз основа на јавен конкурс ќе финансира научно-истражувачки проекти кои ќе доаѓаат од државните универзитети – факултети/научни институти и јавни научни установи – националните научни институти, како самостојни ентитети кои вршат дејност од посебен и јавен интерес за Република Северна Македонија.

Покрај ова, на предлог на Министерството за образование и наука на седницата беа донесени и уредбите за: методологијата за утврдување на критериуми за распределба на наменски дотации и на блок дотации за основното образование и средното образование, по општини за 2022 година, додека висината на основната сума, стандардот по ученик и праговите ќе се определуваат во зависност од одобрените средства за оваа намена во Буџетот и бројот на запишани ученици во учебната година.

„Со  Уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за  јавните установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки по општини за 2022 година, која исто така беше донесена денеска, се пропишува методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотациите  за  јавните установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки по општини за 2022 година. Блок дотација за дејноста згрижување и воспитание на деца во општинските јавни установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки, по општина – не може да биде помала од 350.000 месечно, по општина и помала од потребните средства за исплата на плата и надоместоци од плата за вработените во општинските јавни установи за деца – детски градинки  и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки заклучно со состојбата на вработени од претходната фискална година“, се вели во владиното соопштение.