МОН ќе субвенционира 179 научни трудови од македонски автори

МОН ќе субвенционира 179 научни трудови од македонски авториСубвенција од 30.000 денари ќе добијат 179 научни трудови од македонски автори на конкурсот на Министерството за образование и наука за 2012 година, чија цел е поддршка на научно-истражувачката дејност и стимулирање на научните работници.

Главен критериум е трудовите да биле објавени во научно списание со фактор на влијание во 2012 година. Од 208 апликации, комисијата одбила 29 зашто не ги исполниле наведените услови или затоа што авторите не се регистрирани истражувачи.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски е задоволен од бројот на одобрени субвенции бидејќи е поголем за 28 во однос на претходниот конкурс за 2011 година.

„По области, прифатените апликации се однесуваат на 50 трудови од природно-математичките науки, 50 од техничко-технолошките, 24 од медицинските науки и здравството, 39 од биотехничките, 12 од општествените и четири труда од хуманистичките науки. За оваа намена во буџетот на МОН обезбедени се потребните средства од околу 5,5 милиони денари“, рече Ристовски на прес-конференција.

Поради големиот интерес и надминувањето на предвидената квота за субвенционирање, дополнителен критериум било еден автор да аплицира со најмногу три научни труда.

Министерот очекува уште поголем одѕив за конкурсот за 2013 година, кој е во тек и ќе трае до јуни 2014 година, и ги охрабри научните работници трудовите да ги објавуваат во списанија со импакт-фактор.