МОН ќе додели 40 стипендии за школување на Академијата за менаџери

Министерството за образование и наука утре ќе објави конкурс за доделување 40 стипендии во износ од по 500 евра за посета на сертифицирани модули на постдипломските програми на Академијата за менаџери, за оваа академска година, информира денеска на прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Ќе бидат доделени 13 стипендии за насока „стратешки менаџмент“, 14 за „стратешки маркетинг“ и 13 стипендии за „финансии“. За апликациите на конкурсот ќе одлучува координативно тело формирано од претставници на МОН, Универзитетот Шефилд, Сојузот на стопански комори (ССК) и Академијата за менаџери.

Новиот циклус предавања ќе се организира во текот на викендите во ноември, со времетраење од 22 часа. Секој кандидат по успешно завршување ќе добие сертификат од меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд – СИТИ колеџ и можност да го продолжи своето образование на постипломските програми што ги организира Академијата во Скопје.

Академијата за менаџери, што е основана пред една година, посредува при едукација и професионална доквалификација на постипломско ниво на стручни лица од различни профили и менаџери вработени во приватниот и во јавниот сектор во Македонија.