МОН го објави конкурсот за упис во средните училишта – во фокус стручното образование

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за упис во средните државни училишта за учебната 2021/2022 година.

Учениците имаат избор од вкупно 109 средни училишта, во кои има вкупно 30.053 слободни ученички места. Од нив, 19.602 слободни места се за стручно образование, 9.261 во гимназиско образование и 1.190 ученички места во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.

Фокус годинава е стручното образование. Според министерката за образование и наука, Мила Царовска, тоа станува интересно меѓу младите и поради проширувањето на концептот на дуално образование – концепт на едукација кој обезбедува повеќе практична обука за учениците и тоа директно во компании.

„Со новиот конкурс оваа година отвораме 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик во 11  паралелки кои се од веќе постоечки програми, а 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училиштата и компаниите“, додаде Царовска и упати апел до сите 19.389 деветтоодделенци, при изборот на образование да ја имаат предвид информацијата за тоа колку одреден тип на образование нуди можности за вработување и безбедна и перспективна иднина.

Дополнително порача дека има 10 кратно зголемување на стипендиите кои се доделуваат за ученици запишани  во средно стручно образование.

„Атрактивноста на средното стручно образование дополнително ќе ја стимулираме и со обезбедување на фонд од 2.200 стипендии за ученици од прва година, во вкупна вредност од околу 60 милиони денари. Учениците кои ќе се запишат во дуална паралелка ќе добиваат месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината“, соопшти таа.

Претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија Бранко Азески истакна дека за реалниот сектор, стручното образование е важно за создавање на стручен и квалитетен кадар. Тоа го потврдила и анализата на МОН, во која учествувале 450 компании, од кои дури 85 % рекле се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со три пријавувања во месец јуни: од 14ти до 17ти јуни, од 23ти до 25ти јуни, и на 30 јуни 2021 година.

Во знак на поддршка на новиот модел на стручно образование, Владата воведе нови стипендии за ученици кои ќе се запишат во средните училишта за стручно оспособување.