МОН ги објави резултатите од конкурсот за стипендии за редовни студенти

Министерството за образование и наука ги објави резултатите од конкурсите за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии за студиската 2014/2015 година.

Резултатите попладнето се објавени на веб-страницата stipendii.gov.mk. Од МОН велат дека сите студенти, на кои им се доделува стипендијата, потребно е да достават три пополнети копии од Договорот и тоа:
– договор за стипендија Прва група
– договор за стипендија Втора група
– договор за Трета група
– договор за информатичари,

заедно со читлива копија од денарска трансакциска сметка на име на студентот (резидентна сметка).
Горенаведените документи треба да се достават по пошта најдоцна до 28 февруари на адреса: Министерството за образование и наука, Ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје, со назнака на пликот “Договор за студентски стипендии – Вид на стипендии”.

Формуларите за договорите можат да се симнат од веб-страницата на МОН посветена на стипендиите.

МОН годинава доделува вкупно 3000 стипендии за редовни студенти во месечен износ од 3000 до 5.500 денари, на неколку групи: за студенти од социјални категории, студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, за студенти-информатичари, како и за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки.