МОН ги објави распоредите за екстерно тестирање

Министерството за образование и наука информира дека распоредите за екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование се објавени на интернет страницата на Државниот испитен центар.

Секој ученик може да ги погледне датумот и часот кога ќе биде тестиран, додека за наставните предмети ќе биде информиран три дена пред датумот на полагањето, исто така преку наведената интернет страница.

Процесот на екстерната проверка на постигнувањата на учениците и проверка на објективноста на оценувањето на наставниците ќе се реализира во периодот од втори до десетти јуни и ќе опфати вкупно 183.280 ученици и 17.803 наставници, информираат од министерството.

Јавниот базен со прашања содржи вкупно 445.700 прашања на македонски, албански, турски и српски јазик по вкупно 7.560 предмети.

За секој предмет се генерирани прашања во зависност од неговата застапеност во наставниот план, односно бројот на часови. За предмет застапен со еден час неделно, генерирани се 100 прашања, за предмет со 2 часа неделно генерирани се 200 прашања, за предмет застапен со три часа неделно генерирани се 300 прашања.

Од страницата напоменуваат дека за преглед на прашањата треба да се користи Mozilla Firefox.