МОН: Е-дневникот е корегиран и ќе работи без пропусти

Електронскиот дневник во училиштата е технички коригиран и од денеска ќе функционира без проблеми во сите училишта, вели министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Според него, наставниците повеќе ќе немаат проблем со блокада на системот што ги оневозможуваше да ги внесуваат оценките.

„Извршени се корекции во софтверската поддршка на Е-дневникот и неговата апликација, кои ни беа сугерирани од Синдикатот за образование, наука и култура. Од денеска Е-дневникот е префрлен на поголеми и посилни сервери кои ќе овозможат негова полесна практична примена“, рече Ристовски.

За подобрување на функционалноста на Е-дневникот е интервенирано и во некои заднински операции на самата електронска апликација, велат од МОН. Техничката корекција на Е-дневникот беше обврска со донесувањето на дополнетиот Закон за просветна инспекција, а покрај тоа новина е што годинава наставниците се обврзани да ги впишуваат оценките и изостаноците на учениците  седмично, а не дневно како во минатите учебни години.

Во врска со екстерното тестирање, кое на крајот на 2012/2013 беше првпат спроведено во Македонија и опфати околу 200.000 ученици, министерот рече дека сите пропусти се санираат и дека МОН е во разговори и ги слуша сугестиите на СОНК.

Од МОН најавуваат дека ќе биде објавена ранг-листа на наставници според резултатите од тестирањето. Предвидено е намалување на платите за наставници кај кои ќе има голема разлика меѓу оценката со која го вреднувале знаењето на ученикот и оценката  што ученикот по истиот предмет ја добил на екстерното тестирање. Исто така, законот предвидува и награда за наставниците кај кои ќе нема отстапувања.

„Во наредниот период ќе бидат објавени листите поради почетокот на новата фискална година, од 1 јануари 2014. Верувам дека никој нема да се осети повреден или изигран од системот. Напротив, системот за екстерно треба да биде мотивација за наставниците да бидат поквалитетни во креирањето и презентацијата на наставата и во оценувањето на учениците“, рече Ристовски.

Екстерното тестирање помина со голем број технички проблеми како паѓање на компјутерскиот систем, цели паралелки кои добиваат негативни оцени по одреден предмет, прашања во тестови кои се непропорционални со изучуваниот материјал, поставени прашања на јазик кој не е официјален, прашања со ниту еден точен одговор од понудените, прашања со повеќе точни одговори, прашања каде погрешен одговор се смета за точен, лошо формулирани прашања и други нерегуларности. Над дваесет и пет илјади граѓани ја поддржаа петицијата на Младински образовен форум (МОФ) со која од надлежните институции се бара овогодинешното екстерно тестирање да се прогласи за пробно, што не беше прифатено од страна на Министерството за образование и наука.