МОН доделува 30 стипендии за студенти Роми

Министерството за образование и наука ќе додели 30 стипендии за Роми запишани на редовни додипломски студии во академската 2015/2016 година,  на јавните и приватните универзитети. Kонкурсот e објавен на веб-страницата stipendii.mon.gov.mk,  а рокот за аплицирање е до 11 февруари 2016 година.

Стипендиите се во месечен износ од 5.000 денари и ќе се доделуваат девет месеци. Десет од нив ќе им бидат доделени на Роми запишани во прва година на студии, а 20 стипендии се наменети за редовни студенти Роми кои се запишани во втора и во повисоките години на студирање.

Како што соопштија од МОН, со овие стипендии се заокружува стипендирањето на припадници на ромската етничка заедница во сите степени на образование, откако се покажале позитивни резултатите од стипендирањето на средношколци Роми во изминатите неколку години.

Предност при изборот ќе имаат Ромите кои студираат на факултети што продуцираат наставен кадар бидејќи тој е дефицитарен во образованието на ромски јазик. 11 наставници Роми сега се вклучени во редовните основни училиштa само во реализација на изборниот предмет Ромски јазик и култура , а само двајца професори во средно образование се од ромска националност.

Стипендирањето на средношколци Роми МОН го почна пред неколку години и досега стипендии им се доделени на околу 4.000 Роми во средно образование, односно по околу 600 во година. Ова, според МОН, помогнало вклученоста на Ромите во средно образование да се зголеми за 60 проценти, како и да порасне бројката на средношколците што продолжуваат на факултет.