МОН: До 30 ноември пријавување за студентски оброк за студенти кои не го оствариле правото на претходните повици

Министерството за образование и наука информира дека до 30 ноември повторно може да се аплицира за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Можат да се пријават сите студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, но не успеале да се пријават и / или да го остварат ова право во првиот и вториот рок.

Оваа можност ќе биде достапна секој месец и тоа од 20-ти до 30-ти, односно 31-ви во месецот, информираат од министерството.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

Субвенционираниот студентски оброк е законска мерка со која студентите добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.

„Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата“, појаснуваат од МОН.

Оттаму посочуваат дека досега правото на субвенциониран студентски оброк го оствариле 18.105 студенти.