МОН: Апликациите за студентски стипендии да се доставуваат електронски, а договорите за ученички стипендии по пошта

Во тек е аплицирањето за студентска стипендија во академската 2020/2021 година, кое трае заклучно со 30 ноември, а потенцијалните кандидати кои ги исполнуваат конкурсните услови, апликациите можат да ги достават електронски преку интернет платформата www.konkursi.mon.gov.mk или пак, хартиено преку архивата на Министерството за образование и наука (МОН), информираат оттаму.

Но, поради епидемиолошката состојба во државата, од министерството апелираат до студентите, доколку се во можност да го искористат електронскиот начин на поднесување на апликацијата, или пак, документите да ги доставуваат по пошта, односно, со препорачана пратка со повратница на адреса – бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје.

„Апелот се однесува и на учениците кои го оствариле правото на ученичка стипендија во учебната 2020/2021 година, а кои имаат обврска заклучно со 4.12.2020 година до МОН да достават пополнет договор во три примероци (достапен на следниот линк ) и копија од лична трансакциска сметка, да одбегнуваат физичка посета на МОН, односно документите исто така да ги доставуваат по пошта“, стои во соопштението на МОН.

Истовремено, за дополнителни информации и поддршка за учениците и студентите, од МОН велат дека контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк, додека официјалната електронска адреса на министерството е contact@mon.gov.mk.