„Момент на пресврт“ – интерактивна изложба за силата на поддршката во најтешките мигови

Изложбата „Момент на пресврт“ отвора простор за лично преиспитување и колективно сеќавање, повикувајќи ги посетителите да размислат за луѓето кои им помогнале во најтешките животни периоди. Преку внимателно осмислена поставка, авторот ја истражува тенката линија помеѓу кревкоста и силата, потсетувајќи дека животот може ненадејно да премине од хармонична приказна во исцрпувачка борба, но и дека поддршката од блиските може да биде клучна за пронаоѓање нова перспектива.

Поставката е структурирана во четири фази – „Пренасочување“, „Еуфорија“, „Хармонија“ и „Игривост“ – кои симболично го прикажуваат патот од криза до прифаќање и креативно ослободување. Во првата фаза, „Пренасочување“, фокусот е ставен на моментите на драстична промена. Посетителите се повикани да се присетат на личност која им помогнала во слични ситуации и да остават стикер со името и односот кон таа личност, со што изложбата добива интерактивна и емотивна димензија.

Следува „Еуфорија“ – период на возбуда поради пронаоѓање нов пат и чекорење кон „светлата точка“. „Хармонија“ ја претставува фазата на стабилизација и внатрешен мир, додека „Игривост“ означува целосна комотност во новата реалност и подготвеност за нови креативни процеси. Како дополнителен симбол на можноста секој настан да се согледа од различен агол, посетителите можат физички да ги ротираат делата и да запишат свои наслови, отворајќи простор за нови значења.

Автор на изложбата е Драшко Накиќ, кој има докторат по биомедицинска информатика и долгогодишно истражувачко искуство на Harvard University и Columbia University во САД. Во својата научна и претприемачка работа, тој се фокусира на развој на алатки базирани на вештачка интелигенција што им помагаат на пациентите подобро да ги разберат своите медицински податоци и поефикасно да комуницираат со лекарите.

Во 2020 година, Накиќ започнува да ги применува своите вештини за визуелизација на податоци во уметноста, преточувајќи животни настани во геометриски форми и строго дефинирани композиции. Овој пристап резултира со самостојна изложба во Њујорк во 2025 година, а „Момент на пресврт“ претставува ново продлабочување на таа визуелна и лична нарација.