Момчиња од Тајван во здолништа против родовите стереотипи

Деновиве улиците на Тајван се исполнети со момчиња во здолништа како дел од настаните организирани против родовите и половите стереотипи. Масовните движења имаат цел да ја покренат свеста кај народот за долгоочекуваниот закон за истополови бракови во Тајван кој треба да биде изгласан на 24 мај.

Во претстојниот период во парламентот треба да заземат место бројни дискусии на оваа тема. Доколку биде изгласан, ова ќе биде првиот ваков закон донесен во азиска земја.

Движењата ја добија својата популарност преку Фејсбук група која ги „охрабрува мажите да ги облечат своите здолништа“. Таа стана место за споделување фотографии од луѓе кои ја даваат поддршката на ваквите собири на активистите.

Покрај Фејсбук, во борбата против стереотипите се приклучи и Националниот Тајвански Универзитет како и едно средно училиште во Нов Тајпеј, каде беа забележани неколку машки студенти како носат здолништа заедно со своите униформи.

Покрај студентите, на ваквата иницијатива се приклучија и професорите од образовните институции.

„Додека играв фудбал, многу ученици застанаа и ми рекоа`ова што го носиш е навистина чудно`“, вели еден професор на што тој одговорил „ако сакам да носам ваква облека, што ме спречува? Сите можеме да ги срушиме ваквите стереотипи и да почнеме да почитуваме разлики“.

Прашањето за истополовите бракови стана комплексен проблем откако мнозинството од гласачите на изминатите референдуми гласаа против менување на моменталната дефиницја за брак „помеѓу маж и жена“ во уставот на Тајван. Од друга страна ова претставува проблем за претседателката Цаи Инг-вен која во својата изборна кампања вети легализирање на истополови бракови.