Момче во Словенија почина по мачење прикажувано на Фејсбук

26-годишен Словенец од околината на Кршко, кој бил брутално мачен и понижуван од двајца напаѓачи кои го снимале целиот настан и го објавиле на Фејсбук, вчера починал поради тешки повреди на главата, потврдиле болнички извори, пренесува АлЏазира Балканс.

Трагичниот случај особено ја вознемирил јавноста во Словенија поради видеото од случајот. Получасовната тортура на најпознатата социјална мрежа ја погледнале скоро 250 илјади луѓе, меѓу нив и многу млади.

Полицијата брзо ги фатила сторителите, на возраст од 20 и 29 години. Одреден им е притвор и им се закануваат високи затворски казни. Службите се уште ги истражуваат мотивите за нападот.

Нападот се случил во понеделник наутро, на тревник во близина на населбата Подбочје, во регионот на Кршко. Полицијата утврдила дека напаѓачите и жртвата се познавале, а пред трагедијата заедно пиеле во кафеана. Првичните информации се дека меѓу жртвата и напаѓачите избила кавга, прво со псовки, а потоа со неконтролирано насилство.

Фејсбук, по реакција на полицијата, ја отстраниле и избришале снимката.

Психолозите од Словенија и експертите за социјални мрежи укажуваат на потенцијалните опасности од ширењето вирално насилство кое привлекува внимание. Според нив проблемот е во тоа што автоматскиот алгоритам на Фејсбук не може веднаш да препознае и одстрани содржини на претерано насилство.