Момче од Германија донираше матични клетки за Иван од Кочани – направена првата трансплантација од несроден донор

На Универзитетската Клиника за хематологија за првпат е извршена трансплантација на хематопоетски матични клетки од несроден донор кај пациент на 68 годишна возраст, кој боледува од акутна миелобластна леукемија.

Од клиниката информираат дека пациентот Иван од Кочани е највозрасниот пациент со акутна леукемија, кој е лекуван со ваков современ тераписки пристап на клиниката. Неговиот донор е 21-годишно момче од Германија.

Применето е немиелоаблативно кондиционирање со хемотерапија пред интервенцијата, адаптирано на возраста на болниот и неговите коморбидитети, информираат од Министерството за здравство.

„Му посакуваме успешен исход од лекувањето и упатуваме благодарност до несродниот хуман донор од Германија, кој на возраст од 21 година одлучи несебично да донира матични клетки и да спаси човечки живот. Воедно, тимот од Универзитетската клиника за хематологија и македонскиот регистер на доброволни донори со континуирана поддршка од Министерството за здравство и во овие сериозни времиња на пандемија овозможија непрекинато одвивање на овие интервенции со клеточен материјал, кој се транспортира од странски донорски регистри, посочи директорката Ирина Пановска-Ставридис.

Таа потсетува дека се уште е во тек кампањата „Биди срцевина, биди херој“, со апел граѓаните да ја покажат својата хуманост и солидарност со зачленување во регистарот, со што ќе станат потенцијални дарители на коскена срцевина.