Молњи повредија над 30 луѓе на фестивалот „Rock am ring“ во Германија

33-ца луѓе се повредени, дел од нив и потешко, во удари на громови на фестивалот „Rock am ring“ во саботата вечер, соопштија германските власти.

Првата молња удрила околу 1:00 часот по полноќ во просторот позади сцената и повредила осум членови на организацискиот тим, за време на концертот на американскиот рокер Marilyn Manson. Втората, многу поопасна, удрила во дел од кампот на фестивалот нешто пред 4:00 часот наутро и повредила 25 посетители.

Снимка од невремето и молњите кои го зафатија пределот околу градот Мендиг во Гермаија, каде што се одржува фестивалот:

Организаторите веднаш по вториот инцидент ги прекинале концертите и им понудиле на посетителите засолниште во големи, заштитени шатори. Повеќето од повредените биле примени во болница, но се очекува сите да бидат пуштени денеска. Никој не бил директно погоден од ударот на молњата. Фестивалот, кој трае од петок до недела, продолжува според плановите.

„Rock am ring“ е еден од најголемите фестивали на отворено во Европа, а тридневната програма годинава за првпат се одржува во воената база Мендиг на западот на Германија. Во публиката често има и над 100.000 посетители, а годинава на фестивалот настапиј Foo Fighters, Enter Shikari, Motorhead, Bastille, Prodigy, Interpol и многу други светски артисти.