Мојсова Мијовска: Сè уште нема предмет на Медицински факултет за принципиелно органодарителство

На Клиниката за Урологија утрово започнаа две трансплантации на бубрези од починат донор, по направената експлантација на органите која заврши во доцните ноќните часови, информираше министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил. Со ова двајца пациенти на дијализа добија шанса за нов живот.

„Благодарение на хуманоста на семејството на донорот двајца пациенти на дијализа добија шанса за нов живот. Неизмерна благодарност до ова храбро семејство кое уште еднаш ни покажа дека е возможно живот да се подари“, објави тој на Фејсбук.

Но, хируршкиот дел и легислативите не се она што ја прават успешна приказната, смета Маја Мојсова Мијовска, Национална координаторка за трансплантација.

„Законите не го прават пресадувањето органи, законите го држат овој процес во легални рамки. Пресадувањето се случува поради свесноста за проблематиката, чисто човекољубие и професионалниот ангажман на медицинскиот персонал“, вели таа за Радио МОФ.

По првата трансплантација на срце од почината пациентка која се случи пред една година, во јавноста отворено почна да се зборува за органодарителството, смета таа.

Се надева дека нејзините млади колеги ќе имаат интерес за овој дел од хирургијата, бидејќи како што вели, се случува историски исчекор за македонското здравство и дека индината на нив останува.

„За жал сè уште нема предмет на Медицинскиот факултет кој зборува за принципиелно органoдарителство. Не хируршки техники, тие се учат на конкретните клиники. Но, зборувам за целиот систем на органодарителство и трансплантација“, вели таа во подкаст за Радио МОФ.

Кога станува збор донирање на органи – последниот збор го има фамилијата. Освен ако личноста изрично преку нотар каже дека не сака да биде донор.

Пресадувањето органи од починат донор во Северна Македонија е започнато во 2013 година. Во иднина, националната координаторка се надева дека би можело да се направи регионална соработка, на ниво на Балкан и соседните земји.

„Тоа би било олеснително и за нивните и нашите пациенти“, забележува Мојсова Мијовска.

„Тоа убаво звучи, но побарува многу голема работа и долги месеци работа за да биде правно легално сочувано. И можеби тоа е иднината некако побрзо да доаѓаат до органи пациентите што чекаат“, додаде таа.

Но, засега непознавањето на темата е најголем проблем, смета Мојсова Мијовска. Свесноста според неа, се гради првично со едукација на медицинскиот персонал, а потоа и на граѓаните. Според неа, потребно е да се смени односот на луѓето кон смртта, бидејќи за неа не се разговара во семејните кругови.

„Сметам дека треба едноставно да разговараме дома како што разговараме за поделба на наследство, пари, станови и прстенот од бабата кому ќе го оставиме, исто така треба и оваа тема да ја начнете“, рече таа.

Е.П.