„МојМиленик“ – нова апликација за пронаоѓање на изгубени миленици

Од софтверскиот инженер и создавачот на популарната апликација „МојВоздух“, Горјан Јовановски, деновиве беше објавена апликацијата „МојМиленик“ чија цел е поефикасен процес за пронаоѓање на изгубените миленици кои се објавуваат по различни Фејсбук групи.

Апликацијата изработена во соработка со Елена Андреева е достапна на Android и iOS, а преку неа може да се пријавуваат изгубени миленици и пронајдени животни на улица.

„За секоја објава во вашиот град, добивате нотификација, и на тој начин може веднаш да помогнете во барање на милениците!“, се вели во најавата за апликацијата.

Јовановски вели дека апликацијата е замислена да работи заедно со групите на Фејсбук, односно, откако ќе се направи објава во самата апликација, се добива и линк кој може да се сподели по Фејсбук групите.

„На тој начин: имате структурирани постови со сите потребни информации, едно главно место за објавата, можност за маркирање на миленикот како ‘пронајден’, со цел затварање на истата“, стои во описот за апликацијата.