„Мојата апликација заслужува одговор“ – кампања за општествено одговорни компании

По втор пат оваа година Ротаракт Клуб Скопје Центар ја организира кампањата на проектот „Мојата апликација заслужува одговор”.

Водени од искуството на младите, дека во денешно време се повеќе се соочуваат со проблеми при аплицирање за работни места, Ротаракт клубот Скопје Центар спроведува кампања која цели кон подигнување на општествената одговорност на компаниите. Целта на проектот „Мојата апликација заслужува одговор” е да се мотивираат компаниите да дадат повратен одговор на добиена работна апликација.

Кампањата интензивно се одвива два пати на годишно ниво. Во овој временски период на приватните компании ќе им биде презентирана и понудена платформата за автоматско одговарање на добиените апликации која ќе се состои од благодарност за примената апликацијата и дополнителна информација за процесот на избирање на кандидатите.

Имплементирањето и прифаќањето на овој проект цели кон намалување на неизвесноста на кандидатот во исчекување, но и истовремена можност кандидатот да аплицира на друг оглас, доколку добие негативен одговор од првиот работодавец. Оваа кампања ја отпочнувааат младите понесени од своето лично искуство, но и мотивирани од алармантно високиот процент на апликанти кои покрај уредното конкурирање на одреден оглас сепак не добиле никаков одговор или повратна информација.

Автоматското одговарање на добиените апликации е всушност известување дека пратената апликација стигнала на вистинското место како и информација дека огласот е се уште отворен за аплицирање.

Со отпочнувањето на оваа кампања Ротаракт клубот Скопје Центар ќе се обиде да влијае на компаниите да ја зголемат својата општествена одговорност и одговорноста на своите сектори за човечки ресурси.

Ротаракт е глобална организација, која ги овластува студентите и младите професионалци да создадат позитивни промени како во нивната локална заедица, така и низ целиот свет. Клубовите им обезбедуваат можности на младите за подобрување на нивните знаења и вештини кои ќе им помогнат во нивниот личен развој, решавање на физичките и социјалните потреби на своите заедници и промовирање на односите меѓу сите луѓе во светот во една рамка на пријателство и услуга.