„Мој труд, мои права“ – нова информативна веб-платформа за работнички права

Економско-социјалниот совет со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) започна кампања за подигнување на свесноста кај работниците за нивните права и обврски што произлегуваат од работен однос.

Оттука главна информативна алатка на кампањата е веб-платформата „Мој труд, мои права“, на која граѓаните може на брз и едноставен начин да дознаат сè што ги интересира во врска со нивните работнички права, информираат оттаму.

„Познавањето на работничките права е прв чекор кон нивно успешно остварување и практикување. Во услови кога пандемијата со Ковид-19 го промени нашиот свет и светот на работата на начини кои претходно тешко беа замисливи, работничките права сè повеќе добиваат на важност. Кампањата има за цел да ги информира младите во процес на средно или високо образование кои наскоро би влегле на пазарот на труд, вработените од сите професии, лицата кои бараат вработување, како и работодавачите за правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос“, стои во нивното соопштение.

Веб-страницата, како што посочуваат тие, нуди едноставен преглед по категории на работничките права, но и обврски што се предвидени со трудовото законодавство.

Нивната кампања пак, ќе трае во наредните шест месеци, и како што најавуваат, вклучува мноштво активности на различни медиуми и ќе понуди лесно достапни и детални информации поврзани со работничките права.

„Во фокус на втората фаза на кампањата ќе бидат младите, односно средношколците и студентите кои се на прагот на своето прво вработување. Со цел подобро да се запознаат со работничките права, за младите е изработена мобилна апликација преку која ќе научат различни аспекти од работничките права, а предвидени се и вебинари кои би започнале кон крајот на јануари, како и награден квиз“, се додава во нивното соопштение.