„Мој труд, мои права!“ – кампања за млади, работници и работодавачи

Започнува кампањата „Мој труд, мои права!“, преку ќе се информира за познавањето на работничките права, како прв чекор кон нивно успешно практикување.

Во рамки на кампањата ќе се преземат активности со кои ќе се информираат младите кои што сѐ уште се во процес на средно или високо образование и во иднина би биле дел од работната сила, сите вработени лица од сите професии, лицата што бараат вработување, како и работодавачите за нивните права и обврски кои произлегуваат од трудовото законодавство.

Кампањата во следните шест месеци ќе ја реализира Економско-социјалниот совет во соработка проект на Меѓународната организација на трудот, финансиски поддржан од Европската Унија.

„Мој труд, мои права!“ ќе се одвива и преку различни медиуми како што се социјални мрежи, интернет портали, радио, печатени материјали и сл., со цел кампањата да понуди лесно достапни и детални информации поврзани со работничките права.

„Оваа кампања е од големо значење за информирањето и запознавањето со работничките права и обврски затоа што да се бори за своите права и да бара заштита, може само оној кој е добро информиран и запознаен со нив“, рече на прес-конференција министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Според Никола Бертолини, од канцеларијата на Европската унија во Скопје, зборувајќи за кампањата, нагласи дека е од особена важност за младите, во поглед на нивното вклучување на пазарот на труд и засновање на работен однос.

„Предизвиците кои ќе се адресираат во кампањата бараат ангажираност и од локалните чинители да се зајакнат и да се информираат младите, да имаат повеќе информации пред или откако ќе најдат работа, за плата, за работно време, отсуства, безбедност и здравје при работа, дискриминација, мобинг, социјална сигурност и решавање на споров…“, рече Бертолини.

Јована Тренческа, директорката на Државниот испекторат за труд Јована, рече дека искуствата покажале дека превенцијата и информираноста даваат подобри резултати во сузбивањето на сивата економија, отколку репресивната политика.

Тренческа потесети на телефонскиот број 151-31 и на веб страницата на Инспекторатот, каде граѓаните можат да пријавуваат прекршување на работнички права.

Пријавата, рече, може да биде и анонимна, но, посочи дека кога таа ќе се поднесува треба да има точни и прецизни податоци за работодаваот кој се товари дека не ги почитувал правата.

Ангел Димитров, претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, смета дека треба да има казни за непочитување на правата, но дека треба да бидат соодветни на направената повреда.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски, пак, истакна дека како Синдикат, покрај поддршката што им ја даваат на работниците и се борат за нивните права, се залагаат тие да бидат целосно информирани, оспособени и обучени да знаат како да се изборат за нив.