Mogila 16:9 – изложба и настап во живо на Филип Mитров

За четврток (19 ноември) од 12 часот е најавен онлајн настанот „Mogila 16:9“ – изложба и настап во живо на Филип Митров.

Со најавата стои дека последната декада од 20-от век не беше одбележана само со турбулентни транзициски промени во коишто се затекна Македонија, туку и со креативна, космополитска и безгрижна атмосфера со којашто беа опкружени младите луѓе.

„Во такво милје се школува и твори Филип Митров, еден од највозбудливите протагонисти на македонската културна и уметничка сцена. Како типичен претставник на Генерацијата Х, израснал со музички видео спотови на MTV, осумбитни видео игри на Commodore 64 и Atari, стрипови, VHS и музички касети, како и бројни кино проекци и концерти – афинитети кои одиграле клучна улога во неговите формативни години како личност и творец. Рано пројавува интерес за музика, видео и анимација. Создава музички видеа во соработка со бројни македонски бендови и продуценти. Иако се создадени наменски, видеата можат да се опсервираат и како засебни уметнички дела. Тие сведочат за еден профилиран автор со висока ликовна и филмска ерудиција. Неговата сестраност е вткаена во бројни аудио и визуелни артефакти“, се вели во најавата за настанот.

Мултимедијалната изложба во Музејот на Град Скопје претставува своевиден пресек на неговото творештво во последнава декада. Поставката е поделена во три сегменти коишто опфаќаат три различни медиуми – видео, слика и звук.

Повеќе инфо ТУКА.