МОФ: Во моментов не би било разумно да се размислува за приемни испити како алтернатива за матурскиот испит

Во моментов образовниот систем е навистина кревок: иако измина повеќе од месец во кој образовниот процес требаше непречено да продолжи од дома – главните предизвици како еднакво и непречено вклучување на сите ученици во образовниот систем сè уште постојат. Недостасуваат значајни информации од тоа како ќе заврши учебната година, како ќе се изведат финалните оценувања, но останува отворено и најважното прашање – дали и како ќе се полага овогодинешниот матурски испит?, се вели во соопштението на Младински образовен форум (МОФ).

Ставот на МОФ за матурскиот испит ви го пренесуваме во целост:

Иако Министерството за образование и наука (МОН) сè уште нема официјален став по ова прашање, циркулираат предлози и мислења од различни актери, вклучувајќи ги и политичките партии, наставниците и самите ученици, од кои се креира јавен дискурс полн со неизвесност за идните чекори кои што се од суштинско значење за образовниот развој на младите.

Сè останато ќе доведе до повторување на процеси кои ги гледавме низ годините кога повеќе образовни политики беа воведени, па повлечени, променети или се покажаа како неуспешни, како на пример екстерното тестирање, воведување на предметот математика како задолжителен дел од државниот и завршните испити и државниот испит во високото образование. Имајќи ги овие искуства на ум, МОН не треба да дозволи и овогодинешното полагање на матурскиот испит да биде заменето со парцијални решенија.

Матурскиот испит како преод од средно во високо образование е значаен за образовниот процес бидејќи предизвикува ефекти на повеќе нивоа. Така, учениците заокружуваат фаза од нивното образование, се запознаваат со процесот на полагање на испит, темелно изучуваат материи во неколку области во кои се испитувани и за крај добиваат оцена, доказ дека завршиле средно образование што е најзначајно за нивното понатамошно рангирање во високо-образовните институции во земјава и во странство.

Во моментов не би било разумно да се размислува за приемни испити како алтернатива за матурскиот испит од неколку причини – овие испити е потребно методолошки да се креираат во согласност со начинот на кој се вршел образовниот систем до сега, идните студенти треба да имаат можност да добијат поддршка во процесот на подготовка за приемните испити и истовремено да знаат кои содржини ќе бидат опфатени на приемните испити. Во случај на нивно воведување, во различна и неповолна ситуација ќе бидат ставени учениците кои можат да си дозволат менторства и приватни часови, од младите кои планираат да конкурираат на пример, на Факултетот за драмски уметности или Архитектонски факултет (кои однапред се запознаени и имаат пристап до материјали и содржини и подолго време се подготвуваат) од учениците кои ќе останат без целосна ваква поддршка и менторство.

Она што Младински образовен форум препорачува, како организација која ги следи промените и процесите во образованието и постојано работи со ученици и професори, е да не се успорува образовниот процес и да не се запира со подготовките на учениците и матурантите за чекорите и предизвиците кои им претстојат. Треба да се има на ум дека матурантите мора да полагаат во безбедни и соодветни услови, без притоа да им се нанесе штета на нивното понатамошно образование, следствено, оттука важно е:

-да се земат предвид искуствата и препораките од сите чинители кои работат во областа образование и да се вклучат во процес на консултација со МОН;
– МОН што е можно поскоро да соопшти официјален и конкретен став за полагањето на матурскиот испит, при што предвид да ги има ефектите од ненавремено полагање на матурата врз уписите во високото образование;
– да се обезбедат што е можно повеќе конкретни и детални информации за учениците со посебно внимание на  матурантите, затоа што токму на оваа генерација ѝ е потребно најмногу поддршка во подготовките за полагањата;
– да се предложи период во кој би се организирал матурскиот испит, (како на пример месец август во кој секако се планираат полагања на учениците кои имаат слаб успех или покажале слаб успех на матурските испити) секако, само под услов доколку состојбата во државата е нормализирана и постојат реални и безбедни услови и околности за тоа;
– да се обезбеди пристап до прирачниците и материјалите за подготовка на матурските испити;
– да се креираат канали за онлајн подготовка на матурантите во областите во кои ќе полагаат и
– да се обезбеди постојана комуникација помеѓу матурантите и професорите од предметите кои ќе се земаат како предмети во кои ќе се полага матура.